Признанието на новиот шеф на Ферари, Матија Биното дека Себастијан Фетел ќе биде привилегиран пред новиот тимски колега Шарл Леклер на стартот на 2019 е доказ дека Скудерија планира големи работи оваа сезона, вели шефот на ривалскиот тим Мерцедес.
Иако многумина очекуваа Леклер да биде вистински предизвик за Фетел оваа сезона, возачот од Монако ја започнува сезоната како поддршка на четирикратниот светски шампион, откако Биното, кој го замени Маурицио Аривабене на чело на тимот изјави дека е „нормално“ Фетел да биде приоритет.
Волф, кој немаше проблем да користи тимски наредби за Валтери Ботас во поддршка на Луис Хамилтон лани за петта титула во низа, вели дека ова треба да биде знак за ривалите.
„Матија има огромна задача пред себе и знам дека ќе сака да ја заврши на негов начин. Тимските наредби се контроверзна тема и лани зборувавме за тоа, така што најавата уште сега е вистински сигнал од Ферари до сите нас. Го познавам Матија долго време, прво како шеф на моторите, а потоа како технички директор. Го почитувам, бидејќи е интелигентен човек кој знае како стојат работите во боксот и ќе биде тежок ривал“, вели Волф на стартот на зимското тестирање во Барселона.