Поранешниот Ф1 возач и шампион од Индијанаполис 500, Хуан Пабло Монтоја вели дека тој е поблиску од Фернандо Алонсо до славната „тројна круна“ на мотоспортот.
За „тројна круна“ се сметаат победите на Монако ГП во Формула 1, Инди 500 и Ле Ман, и досега само еден возач во историјата успеал да стигне до тоа – британската легенда Греем Хил.
Алонсо најави дека тоа е неговата „крајна цел“, и за тоа му требаат победи на Индијанаполис 500 (каде што лани водеше пред моторот да му откаже) и на Ле Ман (за каде се подготвува со 24 часа Дејтона овој викенд). Од друга страна на Монтоја му треба само победа на Ле Ман за успехот.
„Тој дефинитивно има способност да го оствари тоа, но не се работи за лесна работа. Вистината е дека јас сум поблиску од него. Но, јас не знам многу за Ле Ман, иако можеме да размислиме за тоа во иднина. Би било забавно“, вели Колумбиецот, кој победи во Монако во 2003 година.
Сепак, Колумбиецот вели дека има многу сличности со Алонсо, бидејќи во неговата кариера возеше конкурентно во Ф1, Инди кар и НАСКАР.
„Мислам дека двајцата сме возачи кои не се плашат од нови работи. Не гледам кој друг Ф1 возач би се обидел да направи такво нешто. Кога си млад и си Ф1 возач мислиш дека нема ништо друго освен тоа“, вели Монтоја.