Тимот на Аспар во Мото ГП шампионатот од следната сезона ќе биде познат како Анхел Нието, по 13-кратниот светски шампион кој почина на 8 август по повредите на мозокот кои ги доби при пад од квад-мотоцикл на Ибица.
Сопственикот на тимот, Хорхе Мартинез-Аспар, покрај објавата дека тимот ќе се преименува, потврди дека најстариот син на Нието, Хелете ќе биде нов шеф на тимот.
„Анхел Нието е синоним за мото-трките, спортот кој му даде толку многу и на кој врати уште повеќе. Мотоциклизмот е толку популарен во Шпанија токму поради човекот кој беше пионер. Анхем помогна на толку многу луѓе и беше важен дел од мојот живот, заедно со неговите синови Хелете и Пабло и неговиот внук Фонси. Ми претставува огромна чест да го преименувам тимот и да ја предадам контролата на неговиот најстар син, кој беше еден од првите кој возеше за мојот тим“, изјави Аспар.
Хелете Нието се тркаше со Аспар од 1993 до 1997 година во 28 ГП настапи. Следната сезона тимот ќе продолжи со мотори на Дукати, на кои повторно ќе бидат Алваро Баутиста и Карел Абрахам.