Марк Маркез рекол дека бил искрен кон себе и кон тимот и поради тоа решил да се повлече од трката за Големата награда на Андалузија која утре ќе се вози на патеката „Анхел Нијето“ во Херез.
Возачот на Репсол Хонда пред шест дена на истата патека доживеа фрактура на надлактицата на десната рака. Во вторникот беше опериран во Барселона, а во четвртокот доби дозвола да се појави на патеката.
Маркез ги пропушти тренинзите во петокот, ги возеше денешните тренинзи, во квалификациите 1 извозе само еден круг по што се повлече од патеката. По завршувањето на квалификациската сесија од неговиот тим објавија дека тој нема да вози утре.
„Цела недела го следев својот инстинкт, се обидував да го слушнам своето тело. Во понеделникот мислев дека ќе биде невозможно да возам, но по операцијата се чувствував добро, можев да направам неколку склекови, да го облечам комбинезонот и да седнам на моторот. Разговарав со тимот, тие имаа поинакво мислење, но се договоривме да се обидам и да бидам искрен“, рекол Маркез и дополнил.
„Во четвртокот имав тежок преглед, сега сакам да му се заблагодарам на доктор Чарте бидејќи ме намачи, но се беше добро, поради тоа и се обидов. Утрово се чувствував добро, попладнето можев да возам добро, но кога повторно излегов на патеката, на четвртиот тренинг нешто се смени. Се појави оток на раката, губев сила во свиоците, се вратив во боксот им кажав дека доколку не биде се исто како во првиот дел од квалификациите дека ќе се откажам. Не го очекував тоа, дојдов тука за да возам. Мирно ќе спијам вечерва, се обидов но не успеав“.
Маркез потоа рекол дека не се согласува со изјавата на тим-менаџерот на Хонда Алберт Пуџ дека светската титула помалку ќе вреди доколку Маркез не е на патеката. Светскиот шампион рекол дека не се согласува со таа изјава на Пуџ.
„Шампион сте поради тоа што нешто сте направиле подобро од останатите, значи титулата ќе има иста вредност. Ако сум јас еден од кандидатите за титулата, тогаш секогаш сакате сите да бидат на патеката, да се борите со нив и да победите на крајот. Но доколку некој се повреди тоа не е ваша вина и титулата ќе има иста вредност“, заклучил Маркез.
Утрешната трка за Големата награда на Андалузија ќе започне во 14 часот од пол-позицијата ќе стартува минато неделниот победник Фабио Квартараро.