Шефот на Ферари, Матија Биното потврди дека тимот решил да „побрза“ со првото големо подобрување на нивниот мотор, носејќи ја втората спецификација на Шпанското ГП во Барселона овој викенд.
Во првите четири трки од сезоната, Ферари иако беа најавувани како први фаворити доживеаја тежок пораз – Мерцедес оствари четири 1-2 победи во историски најдобар старт на една сезона. Возачите на Скудерија пак, имаа само три подиуми – два на Себастијан Фетел и еден на Шарл Леклер.
Шпанското ГП во Барселона го означува стартот на европската Ф1 сезона, и повеќето тимови ќе донесат подобрени болиди, а и Ферари најавија ново предно и задно крило за трката.
„Во Барселона повеќето тимови носат некои подобрувања, така што можеме да процениме дека и ривалите ќе имаат подобрени перформанси. Ние мораме да ги стигнеме во шампионатот и значи дека развојот на моторот и на болидот ќе биде клучен за нас. Во Баку донесовме нов аеродинамички пакет, а ќе донесеме и подобрувања во Барселона. Покрај тоа имаме нов мотор, кој го презентираме предвреме, бидејќи тој требаше да дебитира на Канадското ГП, а нашиот партнер ’Шел’ ќе донесе и ново гориво и ново масло за поголеми перформанси“, вели Биното.