Даниел Рикјардо одби да потпише нов договор со Ред бул, решавајќи да почека „отворено место“ во посилните тимови, и асот на Ферари, Себастијан Фетел вели дека не би му пречело повторно да биде колега со Австралиецот.
Двајцата беа партнери во текот на првата сезона на Рикјардо во Ред бул, и последната на Фетел во 2014 година, кога Австралиецот го стави во сенка Фетел со три победи. Многумина сметаа дека поради тоа Фетел е „непријателски“ расположен кон Австралиецот, но односите се очигледно подобрени.
28-годишниот Рикјардо неколку пати изјави дека би му била чест да вози за Ферари, ако ништо друго тогаш поради неговото италијанско потекло. Фетел неодамна потпиша нов договор и останува во Ферари до 2020 година.
„Ние делевме заедно само една година, но го познавав и од претходно. Таа сезона не беше најдобра за мене, но за него беше одлична. Би се согласувале добро и немам пречка тој да ми е колега, иако не ги знам неговите планови. Знам дека има повеќе опции и дека не се брза. Сигурен сум дека ќе најде добро место“, вели Фетел.
Фото: ЕПА