Top Sport

Најбогатиот Британец сака да го купи Ф1 тимот на Мерцедес

„Инеос“, компанијата на најбогатиот Британец, Сер Џим Ретклиф е заинтересиранa да го откупи Формула 1 тимот на Мерцедес за 700 милиони фунти, тврди поранешниот шеф на Ф1 тим, Еди Џордан.

„Инеос“, кои на почетокот на сезоната потпишаа спонзорски договор со Мерцедес вреден 100 милиони фунти, исто така се сопственици на францускиот фудбалски клуб Ница, а го купија и велосипедскиот тим Тим Скај минатата година. Сега, се очекува и шефот на тимот на Мерцедес, Тото Волф да ги продаде своите 30 отсто од акциите на тимот на „Инеос“ и да добие советничка позиција во компанијата.

„Сопственоста на тимот ќе биде кај Сер Џим Ретклиф и ’Инеос’. Името ’Инеос’ веќе е на болидите на тимот, така што нема да има многу промени. За Мерцедес стана тешко и покрај победите. Како да станат подобри со нешто што веќе го направија?“, вели Џордан.

Мерцедес постојано ги демантираа шпекулациите дека планираат да го продадат својот тим, иако беа меѓу последните кои се согласија да го продолжат Конкорд договорот за останување во спортот.

„Бараме за ваше разбирање дека не коментираме шпекулации и гласини“, велат од тимот.

Scroll to Top