Ред Бул се соочи со тектонски промени веднаш по завршувањето на сезоната во Ф1 – тимот го напушти еден од клучните архитекти на нивната доминација.
Хелмут Марко, столб на проектот од првиот ден, го напушти тимот по две децении соработка.
Австриецот беше дел од Ред Бул од 2005 година, кога овој тим влезе во светот на Формула 1. Како советник, тој имаше влијание врз речиси секој сегмент од работењето, а истовремено беше вклучен во развојот на сестринскиот тим, Рејсинг Булс. Сега, на 82-годишна возраст, тој одлучи дека е време да стави крај.
Веста ја објави британски „Телеграф“, кој тврди дека нема шанси Марко да се предомисли и да остане во тимот.
Неговото заминување означува крај на една ера.
Марко беше еден од клучните луѓе во создавањето на шампионскиот проект што го лансираше Ред Бул на врвот.
За време на неговиот мандат, тимот освои шест титули кај конструкторите и дури осум титули кај возачите – четири во ерата на Себастијан Фетел, а четири благодарение на Макс Ферстапен.
Вкупно, под негово водство, Ред Бул забележа над 120 победи и голем број подиуми, пишувајќи една од најуспешните приказни на модерната ера на Формула 1.
Foto/ EPA
