Даника Патрик, единствената жена која победила на Инди Кар трка, објави дека ова ѝ е последната сезона како тркач.
35-годишната Американка вели дека е „готова“ по завршувањето на Дејтона 500 и Индијанаполис 500 трките оваа година.
„Мислам дека ова е насоката во која треба да се движи мојата кариера. По мај, завршив со трките“, изјави Патрик низ солзи на прес-конференција.
Во 2016 година, Патрик беше четврта на листата на спортистки според заработувачката, зад тенисерките Серена Вилијамс и Марија Шарапова и ММА ѕвездата Ронда Раузи.
Покрај брзината на патеките, Патрик, која заработи 14 милиони долари во 2016, беше позната и по атрактивниот изглед и фото-сесиите за повеќе американски магазини. Таа е единствената жена која водела на Дејтона 500 и Индијанаполис 500 и се смета за најуспешната жена тркач на светот.
Таа победи во Инди Кар трката во Јапонија во 2008 година, а во 2011 година се пресели во НАСКАР серијата. Во 2013 стана првата жена со пол-позиција на НАСКАР Спринт куп трка.