Top Sport

Нови потреси во Мекларен! Мансур Оџех заминува по 30 години?

На проблемите на тимот на Мекларен, вториот најуспешен Ф1 тим во историјата, по сѐ изгледа им нема крај.

Според британскиот „Индепендент“, саудискиот бизнисмен Мансур Оџех од 26 јули веќе не е поврзан на никој начин со тимот на Мекларен, откако претходно беше одговорен за маркетинг дивизијата на Мекларен, а повеќе од 30 години беше акционер на тимот.

Точната причина за неговото заминување уште не е откриена, но сигурно има врска со желбата на тимот да се направат драстични промени да се смени среќата на тимот на патеката, посебно по катастрофалното тригодишно партнерство со Хонда, но и со овогодишните мизерни резултати по враќањето на соработката со Рено.

Тркачкиот директор на клубот, Ерик Булие неодамна си поднесе оставка, а од тимот најавија дека ќе има и други промени.

Оџех, кој е саудиски државјанин, но целиот живот живее во Франција, беше генерален директор на луксембуршката компанија „ТАГ“, позната по повеќе интернационални бизниси, а исто така е долгогодишен акционер на Мекларен (каде поседува 21 отсто од акциите). Тој беше еден од главните соработници на поранешниот прв човек на тимот, Рон Денис, кој беше „набркан“ од компанијата во ноември 2016 откако се обиде да ги откупи токму акциите на Оџех и на Мумталакат, компанијата на кралското семејство на Бахреин.

Scroll to Top