Ланецот е пуштен. Porsche ja ослободи моќта на 911 GT3. Петтата генерација на овој спортски автомобил со високи перформанси беше развиена во тесна соработка со Porsche Motorsport. 911 GT3 jа пренесува чистата тркачка технологија во сериско-производен модел дури и поконзистентно од кога било досега. Суспензијата на предната оска со двојни напречно поставени водилки и софистицираната аеродинамика со задното крило и впечатливиот дифузер потекнуваат од успешниот тркачки автомобил GT 911 RSR, а четири литарскиот боксер мотор од 375 kW (510 кс) со шест цилиндри се базира на погонскиот систем на 911 GT3 R, испробан и тестиран во долгите трки за издржливост (Endurance). Акустично импресивниот мотор со висок вртежен момент се користи практично непроменет во новиот 911 GT3 Cup. Резултатот е брилијантна машина за возење: ефикасна и емотивна, прецизна и со високи перформанси – совршена за тркачките патеки и врвна за секојдневна употреба.
Карактеристичната моќност на 911 GT3 лежи во збирот на неговите карактеристики. Со максимална брзина од 320 км/ч (318 км/ч со PDK) е дури и побрз од претходниот 911 GT3 RS. Забрзува од нула до 100 км/ч за 3,4 секунди. Porsche го нуди и новиот модел со шестстепен мануелен менувач за особено пуристичко возење. Софистицираната аеродинамика произлегува од искуствата стекнати во мотоспортот и генерира значително поголема моќност без забележливо влијание на коефициентот на воздушен отпор. Во позиција на врвни перформанси, мануелно приспособливите елементи на крилото и дифузерот значително го зголемуваат аеродинамичниот притисок за големи брзини во свиоците. Но сепак, ова е резервирано само за возење на тркачки патеки, бидејќи таму 911 GT3 може да ги прикаже сите свои адути. На „Nordschleife“ во Нирбургринг, традиционалниот репер за сите спортски автомобили на Porsche, постави импресивен рекорд: 911 GT3 стана првиот сериски производен модел со атмосферски мотор кој ја скрши бариерата од 7 минути по круг. Возачот кој беше дел од развојот, Lars Kern, постигна време од 6 минути 59 секунди и 927 стотинки за цел круг од 20,8 километри. Пократката патека од 20,6 километри, која претходно служеше како репер, 911 GT3 ја заврши за 6 минути 55 секунди и 2 десетинки. Со дополнително достапните гуми Michelin Pilot Sport Cup 2 R, новиот модел доследно ги прикажуваше своите перформанси во текот на неколкуте круга во стручните раце на амбасадорот на брендот Porsche, Jörg Bergmeister. За Bergmeister, тоа е „убедливо најдобриот автомобил“ кој искусниот професионален возач некогаш го возел на „Зелениот пекол“.
И покрај зголемената ширина на возилото, поголемите тркала и дополнителните технички карактеристики, тежината на новиот GT3 е на исто ниво со претходникот. Со рачен менувач тежи 1,418 килограми, со PDK 1,435 килограми. Предната хауба изработена од зајакната пластика со јаглеродни влакна (CFRP), лесни стаклени прозорци, оптимизирани дискови за сопирање и тркала од лесна алуминиумска легура обезбедуваат врвна дисциплина во тежината. Лесниот спортски издувен систем ја намалува тежината за десет килограми. Со бесконечно електрично прилагодливи издувни клапи, тој обезбедува мошне емотивно звучно искуство.
Неговите тркачки гени се изразени практично во сите детали на новиот 911 GT3. Кокпитот е во согласност со сегашната генерација на модели. Нова карактеристика е екранот за патеката: со притискање на копче, ги намалува дигиталните дисплеи лево и десно од централниот брзинометар, што достигнува до 10.000 вртежи во минута, до информации како што се индикатор за притисок во гумите, притисок на маслото, температура на масло, ниво на резервоар за гориво и температура на водата, информации кои се неопходни при возење на патека. Бројните системи, вклучуваат и асистент за визуелно менување со ленти во боја лево и десно од бројачот на вртежен момент и светло за промена на брзина префрлено директно од Motorsport одделот.
Особено за GT моделите на Porsche, клиентите се повеќе бараат високо ниво на персонализација во изборот на опремата. Поради оваа причина, опсегот на Porsche Exclusive Manufaktur достапен и за новиот 911 GT3 е дополнет со специфични опции за GT3, како што е лесен покрив направен од јаглеродни влакна. Дополнителните елементи вклучуваат капаци на надворешните ретровизори изработени од карбон, затемнети LED Matrix фарови и задни светла со ексклузивен дизајн кој се протега по целата должина на задниот дел. Алуминиумските фелни во Guards Red или Shark Blue боја особено ја зголемуваат персонализацијата на возилото. Во внатрешноста, деталите на опремата, како што се бројачот на вртежи и стоперката на Sport Chrono, сигурносните појаси и останатите елементи во внатрешноста, ги нагласуваат деталите на каросеријата, или бојата по избор на корисникот.
Првиот 911 GT3 беше лансиран во 1999 година. Се засноваше на сериите од моделот 996 и генерираше 265 kW (360 КС) од 3,6 литарскиот мотор. Со Walter Röhrl зад воланот, перфектно прилагодениот GT3 беше првиот спортски автомобил кој заврши круг на патеката во Нирбургринг „Nordschleife“ за помалку од осум минути. Втората генерација на GT3 следуваше во 2006 година. Се засноваше на 911 Type 997 и дебитираше со 305 kW (415 КС). Во 2013 година, наследникот првично започна со 3,8 литри и 350 kW (475 КС). Две години подоцна, моторот се зголеми на 4,0 литри, испорачувајќи 368 kW (500 КС).