Top Sport

Осуден возачот кој го уби Хајден

Возачот кој минатата година го удри со автомобил светскиот шампион во Мото ГП од 2006 година, Ники Хајден доби едногодишна условна казна затвор.

31-годишниот возач, кој не беше именуван на судењето, можеше да добие и двегодишна казна откако беше осуден за убиство во сообраќај, но судијата Виничио Канатарини реши да му ја намали казната поради причини кои ќе ги открие за 90 дена.

На судењето се откри дека Хајден, кој беше на велосипед, бил удрен од „Пежо 206“ кое возело 70 км/ч на патот во Римини каде што била дозволена брзина од 50 км/ч. Инцидентот се случи на 17 мај минатата година, а 35-годишниот Американец почина пет дена подоцна во болница.

Обвинителството тврдеше дека возачот можел да ја избегне несреќата ако возел 20 км/ч, додека одбраната тврдеше дека Хајден не застанал на знак стоп, и дека возел велосипед со слушалки во ушите. Официјалниот извештај за несреќата утврди 30 отсто од вината кај возачот, а се користеа и докази од ближните камери.

Хајден возеше во Супербајк ВСБК шампионатот за „Тен Кејт Хонда“ тимот во моментот на смртта, откако замина од Мото ГП на крајот на 2015 година.

Scroll to Top