Top Sport

Партнерството Хамилтон-Розберг било „вулкан“!

Шефот на Мерцедес, Тото Волф вели дека лекциите научени од славното ривалство меѓу Алан Прост и Аиртон Сена во Мекларен му помогнале да се справи кога во својот тим ги имаше Нико Розберг и Луис Хамилтон, врска која тој ја спореди со „вулкан“.

Хамилтон дојде во Мерцедес кај својот пријател и ривал од детството Розберг во 2013 година, а кога тимот почна да победува во 2014 година, односите почнаа да се влошуваат. Хамилтон со користење на наводно „забранетите“ модови на моторот во Бахреин и Шпанија, „паркирањето“ на Розберг на квалификациите во Монако за да не му даде пол-позиција на Хамилтон и одбивањето на тимските наредби на Хамилтон ги кренаа тензиите, пред по судирот во Белгија да се добие вистински отворен конфликт.

Розберг се повлече од спортот откако го победи Хамилтон за титулата во 2016 година, уште една сезона полна со инциденти и пресметки, и Волф вели дека воопшто не било лесно.

„Сфативме дека двајцата се апсолутни ’алфа’ возачи – сакаат да ја освојат титулата, не сакаат да слушаат никого. Тоа беше како вулкан кој почна да се тресе и на крајот еруптираше. Секоја контроверза прераснуваше во нешто поголемо и стана вистинска пречка за тимот. Бидејќи сме луѓе, работите секогаш емотивно се компликуваат, бидејќи во одреден момент еден возач го преферираш повеќе. Но, во 2014 година имав еден разговор со Алан Прост кој ми помогна. Го прашав што се случи со него и со Сена и тој ми кажа дека најголемиот проблем била транспарентноста на тимот. Тие никогаш не го знаеја планот на врвот во Мекларен. Затоа јас се обидов веднаш да бидам многу јасен и да ги кажувам искрено работите – работите кои не сакате да ги слушнете“, вели Волф.

Scroll to Top