Top Sport

Педроза најбрз, Дукати со проблеми на крајот на тестот во Тајланд

Дани Педроза го комплетираше официјалниот Мото ГП тест во Бурирам, Тајланд со најдобро време, откако го победи Жоан Зарко во последните минути од неделниот тест.

Возачот на Тех 3 Јамаха, Зарко беше само вториот возач кој ја „сруши“ бариерата од 1:30 на тајландската патека со 1:29.944, време кое го подобри на 1:29.867, подобро од најдоброто саботно време на Марк Маркез. Но, колегата на Маркез, Педроза на 20 минути пред крајот се најде на првото место, и потоа во финишот го постави 1:29.781, за 0.086 секунди побрзо од Зарко.

Кал Крачлоу беше трет за ЛЦР Хонда, додека Маркез беше на четвртото место со многу позитивни работи за Хонда на тестот. Алекс Ринс беше петти за Сузуки пред Џек Милер на Прамак Дукати.

Андреа Довициозо и Хорхе Лоренцо се „мачеа“ за Дукати, со седмо и 22. место за Лоренцо, покажувајќи дека проблемите со Десмоседичи мотоциклот уште не се минато. Лоренцо дури се врати на една година стариот ГП17 мотоцикл во последните часови од сесијата.

Валентино Роси беше на 10. место за фабричката Јамаха, а Маверик Вињалес беше на 12. место, откако во саботата беше четврт.

Scroll to Top