Карлос Саинс е на само чекор од втората победа на Дакар релито, но Пежо ќе пропушти 1-2 финиш, откако во претпоследната етапа на релито излета 13-кратниот шампион Стефан Петерхансел.
Французинот Петерхансел беше на 45 минути зад Саинс и 20 минути пред Насер Ал-Атијах пред петочната етапа од Сан Хуан до Кордоба, во која имаше два дела за мерење од 124 и 244 километри.
Тој удри во дрво на почетокот на етапата, оштетувајќи го своето Пежо 3008ДКР и го повреди прстот на раката. По помошта од колегата Сирил Деспре, тој загуби еден час до „неутралната“ зона и по долгиот сервис ја заврши етапата. Ал-Атијах пак, стигна до четвртата етапна победа оваа година, но има 46 минути заостанување зад Саинс, кој ако не се случи катастрофа на денешното финале веќе е новиот шампион.
Во пласман на мотоцикли, Тоби Прајс стигна до втора последователна победа на релито, а неговиот колега од КТМ, Матијас Валкнер е пред победа во генерален пласман, откако предаде само 9 минути од предноста и има 22:31 предност пред Аргентинецот Кевин Бенавидес.