Top Sport

„Посебните“ модови на Мерцедес се удар во стомакот за Ф1 ривалите

Откако постојано беа израмнети со ривалите од Ферари и Ред бул, болидите на Мерцедес покажаа со својот „парти“ мод на моторот дека имаат адут со кој ќе ги победуваат ривалите оваа сезона.

Луис Хамилтон го подобри својот круг за фантастични 0.887 секунди за да ја освои пол-позицијата во Мелбурн, откако претходно беше под притисок на Себастијан Фетел и Кими Раиконен во Ферари. Огромната разлика во круговите според ривалите на „Сребрената стрела“ е поради специјалниот мод на Мерцедес. Хамилтон вели дека не е така.

„Можам да ве уверам дека немаме ’парти’ мод  – истото го користев во вторите и третите квалификации. Нема дополнително копче, нема дополнителен мод“, изјави Хамилтон на прес-конференцијата.

Ова го предизвика Фетел да го запраша: „Што правеше пред последниот круг?“.

„Чекав да поставам добар круг и да ти ја избришам насмевката од лицето“, изјави саркастично Хамилтон.

Фетел не го прифати ова најдобро.

„Работите се вртат. Затоа сме тука да се забавуваме. Ако тој ужива во вакви саботи, тогаш тоа е ОК. Се надевам дека јас и Кими ќе славиме утре“, изјави Фетел.

Дека Мерцедес имаат „нешто посебно“ во квалификациите се согласува и возачот на Ред бул, Даниел Рикјардо, кој беше петти, но ќе стартува на осмото место поради казна.

„Навистина лошо. Фрустрирачки е бидејќи мислам дека сите сакаат да видат како другите ги предизвикуваат Мерцедес, така што чувството беше како удар во стомакот. Не очекувавме дека имаат толку многу резерва. Ним сигурно им се допаѓа, но верувајте сите други го мразиме тоа. Се надевам дека ќе бидеме поблиску. Не сакам да ги намалувам квалитетите на Луис, но со таков пакет сите ние ќе стигневме до пол-позицијата“, вели Рикјардо.

Scroll to Top