Top Sport

Приватната колекција на Шуми во музеј во Келн

Кариерата на најуспешниот Ф1 возач на сите времиња, Михаел Шумахер повторно се прославува во неговата родна Германија откако во Келн се отвори нова постојана изложба на која меѓу другите работи се 12 болиди во кои се тркаше славниот Германец.

Седумкратниот Ф1 шампион уште се опоравува од сериозните повреди на мозокот добиени при падот на скијање во декември 2013 година, а во „Моторворлд Келн“, поранешниот авионски хангар ќе има селекција на негови болиди, трофеи, кациги и тркачки одела од двете децении во Формула 1.

Покрај седум Ферарија, на изложбата ќе бидат и двата болиди на Бенетон со кој ги освои првите титули, како и болидот на Џордан со кој дебитираше на Белгиското ГП во 1991 година. Колекцијата е изложена на 1.000 квадратни метри и официјалното отварање е утре, а влезот ќе биде бесплатен.

„Приватната колекција на Михаел Шумахер е големо благодарам од семејството Шумахер до сите фанови на Михаел и на мотоспортот. Во изложбата има значителни делови од неговата лична колекција и се наоѓа на неколку километри од неговиот домашен град Керпен“, изјави Сабине Кем, менаџерката на Шумахер.

Колекцијата ќе вклучува и тркачки трофеи, семејни фотографии, и донации од поранешните шефови на Шумахер како Жан Тод и Флавио Бриаторе, како и од Ф1 возачи како Себастијан Фетел и Фелипе Маса.

Scroll to Top