Кими Раиконен има нова автобиографија… И според очекувањата внатре може да се прочита многу – за неговата сиромаштија како дете, за бегање од војска да стигне на трка, и за пијанство меѓу Формула 1 трки.
38-годишниот Финец е познат по својот прекар „Ајсмен“, поради студеното однесување и очигледната невозможност да се насмее или израдува, но и по својата блескава брзина на патеката како последен возач кој освоил титула за Ферари во 2007 година. Сега во книгата „Непознатиот Кими Раиконен“ на неговиот пријател Кари Хотакаинен се открива многу.
Во книгата се зборува за скромната куќичка без тоалет внатре во која израснал, за финансиските проблеми на стартот на кариерата.
„Мојот брат Рами беше мојот механичар. Возевме старо комби на трките. Уште тогаш знаев дека мама и татко ги вложија сите пари во мене и чувствував дека ќе ги разочарам“, вели Раиконен.
Во 1999 година, на само 20 години, Раиконен потпиша договор за настап во Британската Формула Рено серија, но истата година мораше да оди на отслужување на воениот рок, кој во Финска е задолжителен. Во книгата тој опишува една ситуација кога се вратил пијан во касарната и кога се плашел дека нема да му дозволат да се трка, по што решил да избега.
„Почнаа да викаат по мене. Беа лути бидејќи бев пијан и дојдов доцна и избегав“, објаснува Раиконен.
Иако на почетокот на кариерата со Заубер тој беше срамежлив и повлечен, кога дојде во Мекларен, стана познат по својот „парти“ лајфстајл. Потоа замина во Ферари, освои титула, и во 2010 година му платија огромна сума да направи место за Фернандо Алонсо. Тој реши да се забавува со рели трки и со долги забави со своите пријатели.
Кога се врати во Ф1 со Лотус, тој повторно беше брз. Но, во книгата тој се потсетува на периодот во 2012 година кога пиел 16 дена без престан меѓу трките во Бахреин и Шпанија. На крајот на Шпанското ГП тој заврши на третото место, иако Лотус го немаа најбрзиот болид.
Првото издание на книгата е распродадено за неколку дена во Финска, а правата се продадени за превод на 10-тина јазици. Се надеваме и на македонски.