Top Sport

Раиконен: Семејството ми е најважно, понекогаш е многу здодевно да си Ф1 возач

Најискусниот возач во Формула 1, Кими Раиконен никогаш не го криел своето мислење за најразлични теми и во интервју за „Ел паис“ вели дека неговото семејство му е многу поважно од тркањето, а открива и дека уште навива за Ферари.

„Ми се допаѓа тркањето  и уште уживам, да не беше така немаше да бидам тука. Среќен сум што имам толку фанови, но има и луѓе кои не ме секаат. Но, го правам тоа што ме прави среќен и тоа е најважно. Никогаш не сум бил тука за да задоволам некого и не ми е грижа ако некој има поинакво мислење“, одговара „Ајсмен“ во свој стил.

Тој признава дека откако стана татко, размислува поинаку.

„Сега откако сум татко, распоредот целосно ми се смени и многу повеќе се грижам. Имам мали деца, на кои сум и потребен и работи кои се поважни во животот. Најтешкото сега е што ми недостасуваат кога се тркам, бидејќи во Формула 1 има многу досадни моменти. Важно е да бидам со нив додека раснат“, вели Раиконен.

Тој останува последниот возач на Ферари со титула во 2007 година и не очекува голем предизвик од нив оваа сезона.

„Во основа, потребна им е брзина и голема постојаност. Само така можат да ја свртат работата. Тие заслужуваат титули поради историјата која ја имаат и им посакувам среќа“, вели Раиконен, кој и оваа сезона ќе вози за Алфа Ромео покрај Антонио Џовинаци.

Scroll to Top