Top Sport

Раиконен во рели ВРЦ, на негово место Леклер?

Кими Раиконен не ги демантираше последните шпекулации пред Француското ГП овој викенд, кои велат дека финскиот ветеран од следната година ќе се посвети на Рели ВРЦ шампионатот, а Скудерија ќе му дадат шанса на младиот Шарл Леклер.

20-годишниот Леклер, кој доаѓа од Монако, оваа година ја вози својата прва Ф1 сезона за тимот на Алфа Ромео Заубер, како дел од договорот за ребрендирање на швајцарскиот тим со поддршка на матичната компанија на Ферари и Алфа Ромео, Фиат.

Шефот на Заубер, Фредерик Васер, признава дека трансферот е можен.

„Мораме да очекуваме дека Шарл нема да вози нас долго време и затоа мораме да уживаме во секој негов добар резултат“, вели Васер во интервју за швајцарскиот весник „Блик“.

38-годишниот Раиконен кратко одговори на шпекулациите дека „ништо не е сменето од Канада“, но слично како уште еден ветеран Фернандо Алонсо (кој исто така се очекува да се повлече на крајот на сезоната), посочи дека Ф1 трките веќе не го привлекуваат премногу.

„Секогаш е позабавно кога има вистинско тркање. Но, кога имаш трки како Монако, каде што сите возат со 80 отсто и само го следат болидот пред нив, тогаш не е забавно ниту за фановите, ниту за нас како возачи. Во текот на годините правилата се менуваа често, но тоа не помогна“, изјави Раиконен во Пол Рикар.

Фото: ЕПА

Scroll to Top