Очигледно во Ред бул немаат веќе нерви со формата на Французинот Пјер Гасли, иако на почетокот на сезоната изјавија дека неговите резултати ќе се сумираат на крајот на сезоната.
Сега, Хелмут Марко, советникот во Ред бул и одговорниот за академијата на австрискиот тим, влегува во остра критика на Гасли, откако тој се квалификуваше само 9-ти на домашната трка во Австрија, додека колегата Макс Ферстапен беше втор, за потоа да победи на трката.
„Не е лесно да си колега со Макс Ферстапен, бидејќи тој има исклучителен талент. Но, резултатите и брзината на Гасли се едноставно неприфатливи. Во Канада и Франција беше полошо од сите очекувања и разликата меѓу двајцата е огромна“, вели Марко.
Се верува дека Гасли има до летната пауза (уште три трки) да се докаже и не го прифаќа изговорот на Французинот дека дизајнот на болидот не му одговара.
„Нашата задача е тој да се чувствува сигурно во болидот, но во исто време, не можеме да ги намалуваме главните сили на нашиот болид. Тој мора да го смени стилот на возење и да размислува повеќе за своите трки отколку за тоа како Адријан Њуи треба да дизајнира болиди“, додава Марко.