Советникот на Ред бул, Хелмут Марко признава дека во тимот направиле сѐ да го „стабилизираат“ Макс Ферстапен по лошиот старт на сезоната во која младиот Холанѓанец едноставно пречесто грешеше.
Во Франција минатиот викенд, Ферстапен првпат оваа сезона стигна до два подиуми во низа, по што ги критикуваше медиумите кои беа безмилосни кон него на почетокот на сезоната сметајќи дека не треба да го промени својот стил. Марко вели дека работите се смениле.
„Последните две трки покажаа дека тој е дисциплиниран возач и може да биде многу брз. Проблемот со Макс е тоа што самиот си поставува преголем притисок. Поради тоа тој прави грешки во болид со кој може да биде напред, за разлика од минатата година кога имаше послаб болид. Поминавме низ сите можни опции, а целта беше да го стабилизираме. Сега го имаме Макс кој сите го очекуваме“, вели Марко.
Тој вели дека Ред бул мораат што е можно повеќе да застанат зад Ферстапен, бидејќи тој е „толку млад и толку многу во центарот на вниманието“.
„Во Австрија ќе дојдат 18 илјади Холанѓани! Тој има култен статус во неговата татковина и во Белгија и да се справиш со тоа на 20 години не е многу лесно. Макс се истакнува поради агресивнста и борбениот дух на патеката и затоа јас секогаш ќе застанувам во негова поддршка“, додава Марко.
Фото: ЕПА