Top Sport

Ред бул не сакаат победи зад безбедносно возило, Мерцедес велат дека така требаше да биде и лани

Иако Макс Ферстапен запиша уште една победа, петта во низа, и веќе на следната трка може да ја запечати втората светска титула, Ред бул рејсинг не се задоволни од одлуката на стјуардите Италијанското ГП во Монца да заврши зад безбедносното возило.

По откажувањето на Даниел Рикардо, мораше да излезе безбедносното возило и на крајот беше одлучено трката да заврши зад него во ситуација која наликуваше на драматичниот крај на шампионатот минатата сезона во Абу Даби. Тогаш, тогашниот директор на трки Мајкл Маси, реши дека не сака сезоната да ја заврши зад безбедносно возило, дозволувајќи тркање во последниот круг иако сите болиди кои заостануваа цел круг не ги поминаа лидерите, и токму Ферстапен во драматичен финиш го помина Луис Хамилтон во Мерцедес и стана шампион.

По ова, критиките за Маси беа огромни и тој беше отстранет од позицијата директор на трки, по што целосно си замина од ФИА, додека навивачите на Мерцедес уште сметаат дека тие биле ограбени.

Шефот на Ред бул, Хорнер вели дека не им се допаѓа ова ниту кога е во нивна корист.

„Не сакаме да победуваме зад безбедносно возило. Тоа е нешто за што сме зборувале на состаноците на тимовите, но се случи во Монца. Треба да се тркаме. Имаше доволно време за тркање. Сакаме да се победува на патеката, и јасно беше незадоволството на навивачите што им се одзеде возбудлив финиш“, вели Хорнер.

Неговиот ривал од Мерцедес, Тото Волф не се согласува и вели дека финишот во Монца требаше да биде пресликан и во Абу Даби минатата сезона.

„Секогаш ќе има критичари, но барем овојпат ги следеа правилата. Можеби требаше да го направат тоа еден круг порано со Џорџ, но барем сега ги почитуваа правилата и прифатија дека трката мора да заврши зад безбедносно возило. Вака треба да биде, вака требаше да биде“, оценува Волф.

Scroll to Top