И покрај тоа што во Формула 1 нема да има големи промени на правилата за 2018 година, францускиот тим Рено ќе изгради целосно нов болид, покажувајќи големи амбиции за иднината.
Техничкиот директор на тимот од Енстон, вели дека болидот, со кодно име РС 18, веќе е делумно направен.
„Имаме голем прогрес. Се работи за целосно нов болид и покрај малите промени на правилата. Научивме многу за аеродинамичките потреби и балансот на болидот со регулативите за оваа година, така што треба да направиме голем чекор напред“, изјави Честер.
Францускиот тим немаше најдобра сезона, а поради стабилноста на Мерцедес, Ферари, Ред бул и Форс Индија, речиси во секоја трка првите осум места се „гарантирани“ и Рено мора да се бори за „трошките“. Нико Хилкенберг со одличните трки ги држи Рено на седмото место во генерален пласман, но со само еден поен пред Хас Ф1. Пред втората сезона во спортот, Сирил Абитебул, шефот на тимот очекуваше петто место.
„Иако тоа уште е математички достижно, тешко дека ќе стигнеме до петтото место. Имавме доста проблеми со откажувањата на болидите“, вели Абитебул.
Следната година тимот ќе е и посилен – Карлос Саинс Јуниор потпиша како позајмен возач од Ред бул за да биде силен партнер на Хилкенберг, додека во тимот доаѓа и Марсин Будковски, еден од најтехнички поткованите инженери, кој досега работеше во ФИА.