Според угледниот германски Ф1 медиум „Ауто мотор унд спорт“, предложената продажба на тимот на Форс Индија ќе биде блокирана од ривалите Рено, Вилијамс и Мекларен.
Форс Индија од минатата недела е во англиски „стечај“ предизвикан од доверителите на тимот, во обид да се избегне целосно затварање на тимот, и иако има заинтересирани за продажба на тимот, шефот на Ф1, Чејс Кери мора да добие согласност од сите тимови за да се случи ова и Форс Индија да продолжи да добива дел од ТВ-правата и наградниот фонд.
Според „Ауто мотор унд спорт“, Рено, Вилијамс и Мекларен не се согласуваат со ова, што би значело дека новиот сопственик ќе мора да го регистрира тимот одново и нема да добие околу 150 милиони долари кои би требало да ги добијат на крајот на сезоната. Оваа блокада може да донесе катастрофални последици – односно тимот да не се продаде и 400-те вработени да останат без работа.
Мотивите на Мекларен и Вилијамс се неодредени, но може да се однесуваат на предложените ограничувања на буџетот од „Либерти медија“, додека Рено сака да прати јасна порака дека дуополот на Мерцедес и Ферари треба да се „разбие“, односно да не им се дозволи да имаат таканаречени „Б-тимови“ – Заубер и Хас за Ферари, и Форс Индија за Мерцедес.