Top Sport

Рено, Вилијамс и Мекларен ќе ја блокираат продажбата на Форс Индија

Според угледниот германски Ф1 медиум „Ауто мотор унд спорт“, предложената продажба на тимот на Форс Индија ќе биде блокирана од ривалите Рено, Вилијамс и Мекларен.

Форс Индија од минатата недела е во англиски „стечај“  предизвикан од доверителите на тимот, во обид да се избегне целосно затварање на тимот, и иако има заинтересирани за продажба на тимот, шефот на Ф1, Чејс Кери мора да добие согласност од сите тимови за да се случи ова и Форс Индија да продолжи да добива дел од ТВ-правата и наградниот фонд.

Според „Ауто мотор унд спорт“, Рено, Вилијамс и Мекларен не се согласуваат со ова, што би значело дека новиот сопственик ќе мора да го регистрира тимот одново и нема да добие околу 150 милиони долари кои би требало да ги добијат на крајот на сезоната. Оваа блокада може да донесе катастрофални последици – односно тимот да не се продаде и 400-те вработени да останат без работа.

Мотивите на Мекларен и Вилијамс се неодредени, но може да се однесуваат на предложените ограничувања на буџетот од „Либерти медија“, додека Рено сака да прати јасна порака дека дуополот на Мерцедес и Ферари треба да се „разбие“, односно да не им се дозволи да имаат таканаречени „Б-тимови“ – Заубер и Хас за Ферари, и Форс Индија за Мерцедес.

Scroll to Top