Top Sport

Рено и Заубер ги покажаа машините за 2018 (видео+галерија)

Рено не сакаа да направат голем спектакл при претставувањето на новиот болид за 2018 година, фокусирајќи се на неколку кратки видеа на социјалните мрежи.

Француската компанија се врати како производител во Формула 1 во 2016 година, со амбициозна цел освојување на титула за пет години, и досега имаше две просечни сезони. Во 2018 година, Рено ќе вози со Нико Хилкенберг и со Карлос Саинс Јуниор на позајмица од Торо росо.

Францускиот тим повторно се реши за корпоративната жолто-црна комбинација, иако со повеќе црна боја од претходните сезони.

„Амбицијата е да се продолжи фантастичната историја на тимот и 2017 година покажа дека сме на вистински пат. Тимот во Енстоун е освежен, со повеќе од 15 отсто нови вработени. За две години покажавме дека знаеме како да работиме, благодарение на шефот Сирил Абитебул“, вели претседателот на Рено Спорт, Жером Стол.

Својата нова машина ја презентираше и тимот на Заубер, или од оваа сезона официјално Алфа Ромео-Заубер, со низа на соопштенија за спонзорски договори за голема надеж на малиот швајцарски тим по катастрофалната 2017.

Заубер беше последен минатата сезона, а нивниот шведски возач Маркус Ериксон не успеа да освои ниту еден поен, откако тимот користеше мотор од 2016 наместо последната спецификација. Оттогаш, неговиот колега, возачот на Мерцедес, Паскал Верлајн се врати во ДТМ шампионатот, а партнерството со Фиат го донесе во тимот Ф2 шампионот од академијата на Ферари, Шарл Леклер.

Новиот Ц37 болид со значително лого на Алфа со црвено-бела шасија го менува досегашниот сино-бел болид.

„Концептот за аеродинамика е сменет, и Ц37 има неколку нови компоненти во споредба со претходникот. Веруваме дека новиот концепт ни нуди повеќе шанси за подобрувања во текот од сезоната, а тоа што ќе користиме нов мотор на Ферари сигурно ќе делува на перформансите“, вели техничкиот директор, Јерг Цандер.


Scroll to Top