Top Sport

Рикардо заминува бидејќи не добил ветување за еднаквост со Ферстапен

Шокантната објава на Даниел Рикардо дека заминува од Ред бул за двегодишен договор со Рено од 2019 година се случи бидејќи австрискиот тим не сакал да му гарантира еднаквост со колегата Макс Ферстапен, тврди британскиот „Дејли мејл“.

Иако двајцата се „продукт“ на славната академија на Ред бул, Рикардо сметал дека е јасно дека тимот го преферира младиот Холанѓанец, кој од своето доаѓање во Ф1 е промовиран во нова ѕвезда. Уште „поболно“, Рикардо заминува во Рено во моментите кога Ред бул ја прекинува долгорочната соработка со францускиот производител и од следната година ќе користи мотори на Хонда.

Според „Мејл“, Рикардо имал директна средба со сопственикот на Ред бул, Дитрих Матешиц на Австриското ГП, кога ниту тој не му гарантирал дека ќе биде еднаков со Ферстапен, туку јасно му било кажано дека Ферстапен ќе има улога како Себастијан Фетел во ерата со сонародникот на Рикардо, Марк Вебер.

Мекларен јасно посочија дека постоело опција Рикардо да заврши кај нив, но тоа не се оствари, додека Ферари и Мерцедес воопшто не биле заинтересирани. Се очекува Ферари да останат со Себастијан Фетел и Кими Раиконен уште една сезона, додека Мерцедес веќе ги потврдија Валтери Ботас и Луис Хамилтон.

Scroll to Top