Top Sport

Рикјардо: Имам адути во преговорите со Ред бул

Даниел Рикјардо вели дека има „неколку карти во ракавот“ пред стартот на преговорите за останување во тимот на Ред бул и по сезоната 2018.

Неговиот клупски колега, Макс Ферстапен веќе го продолжи договорот до крајот на 2020 година, а шефот Кристијан Хорнер јасно посочи дека приоритетот е да се задржи талентираниот Австралиец. Рикјардо од друга страна би сакал да почека до следната година, прво да го оцени нивото на перформансите на Ред бул, но сигурно и да види дали има достапни места во Ферари или Мерцедес, каде што на двајца возачи им завршуваат договори на крајот на сезоната (Раиконен кај Ферари и Ботас кај Мерцедес).

„Нема да правам промени сега. Никогаш не сум имал многу менаџери и помошници околу мене. Имам еден адвокат кој ми помага и тоа е тоа. Следната година ми завршува договорот, така што сакам да имам неколку карти во мојот ракав за да не избрзувам. Убаво е да се чуе дека сакаат да останам. Подобро е отколку да велат: ‘Едвај чекаме Даниел да замине’. Сакам да го направам ова со целосна почит. Првпат сум во ваква позиција и сакам да ја искористам. Финансиската страна е убава, но прво и најважно се перформансите. Подобро да бркам побрзи болиди отколку подебел паричник“, вели Рикјардо.

Scroll to Top