Даниел Рикјардо вели дека сака да почека за да види кој од Формула 1 тимовите ќе го има најдобриот болид за 2019 година, пред да одлучи каде ќе ја продолжи кариерата.
Возачот на Ред бул се смета за еден од најталентираните возачи во спортот, а бидејќи неговиот договор завршува на крајот на 2018 година, има и многу заинтересирани тимови. Ред бул се обидоа да го продолжат договорот на Австралиецот слично како на неговиот колега Макс Ферстапен, но Рикјардо посака да почека.
„Се сомневам дека ќе има потписи во следните месеци. Освен ако не добијам некоја смешна понуда, но најверојатно ниту тогаш. Во моментов не се работи за понудата, туку за тоа кој ќе има најдобар болид во 2019 година. Затоа ќе почекаме да видиме како ќе се движи следната сезона. Не сакам да се правам умен и да мислам дека ги имам сите опции, но мислам дека има време. Со Ред бул е лесно бидејќи добро ги познавам. Другите треба да покажат интерес, бидејќи не сум очаен за место во Ф1“, вели Рикјардо.
Откако беше промовиран во Ред бул од Торо росо во 2014 година, Рикјардо оствари пет победи, една пол-позиција и трето место во генерален пласман во 2014 и 2016 година.