Top Sport

Роси: Вињалес да се врати во реалноста

Валентино Роси му порача на својот колега од Јамаха, Маверик Вињалес да ги „прилагоди“ своите нереални очекувања по проблематичното зимско тестирање на јапонскиот тим.

Вињалес беше најбрз на два од деветте дена тестирање во 2018, а последниот тест во Катар го заврши на петтото место, но исто како и Роси, имаше променлива форма со мотоциклот на Јамаха. По тестот во Катар тој изјави дека е „тешко“ да се остане позитивен и Роси го сфаќа тоа.

„Да, Маверик изгледа доста разочарано, но на крајот беше петти. Тој сака да биде постојано прв со една секунда пред конкуренцијата, но не верувам дека и тогаш би бил среќен. Затоа мора да го смени пристапот. Тој е млад и нормално е постојано да сака да е прв, но модерната Мото ГП е многу промената и разликите со овие гуми се многу тесни – мораш да страдаш“, вели Роси.

Во Катар, на крајот, три мотоцикли на Јамаха беа во топ 5 – Роси беше втор зад Јохан Зарко во Тех 3 Јамаха, но Роси вели дека тоа не значи ништо пред новата сезона.

„Ќе се обидеме да ги поправиме работите, но никој не знае што ќе се случи во текот на трките. Можеби половина трка ќе сме брзи, а потоа последни. Најважно е да бидеме блиску до ривалите“, објаснува италијанскиот ветеран.

Фото: ЕПА

Scroll to Top