Top Sport

Розберг ја загуби вербата во Ферстапен, дали тој ќе биде пратен Торо росо? (видео)

Ексшампионот Нико Розберг вели дека веќе ја загубил довербата дека Макс Ферстапен може да направи пресврт, по судирот на холандскиот возач на Ред бул на третиот тренинг пред Монако ГП, негов петти инцидент во 2018 година.

Додека Даниел Рикјардо ја освои пол-позицијата и лесно стигна до победа во Монте Карло, Ферстапен стартуваше од последното место откако излета на последниот тренинг и немаше доволно време да се поправи болидот за квалификациите.

Судирот беше „копија“ на тој од 2016 година и уште еден во низата инциденти, и Розберг не верува дека тој ја научи лекцијата.

„Тој беше побрз од Рикјардо и потоа се удри во најглупавиот момент. Имаше речиси ист судир во 2016, и се прашувам дали е премногу самоуверен и премногу ризикува. Но, тој како да не научи ништо. Ова е петти пат оваа година, која му веќе четврта во Ф1. Веќе не може да се вади на неискуство. Во моментов сѐ му оди наопаку и немам многу надеж за него“, вели Розберг.

Шпекулациите во Ф1 велат дека Ред бул дури можат да се решат Ферстапен да го пратат во „јуниорскиот“ Торо росо тим, иако самиот Холанѓанец не верува во тоа.

Ситуацијата многу наликува на таа на Русинот Данил Квјат, кој го загуби местото во Ред бул токму од Ферстапен во сред сезона, пред лани да замине од Ф1 откако му го раскинаа договорот. Ферстапен во интервју за весникот „Де лимбургер“ вели дека нема вистина во такви шпекулации.

„Тоа не може да се случи, ниту теоретски. Има многу ’воини зад тастатурите’ кои ме критикуваат на Интернет, бидејќи така е полесно отколку да ми кажеш нешто во лице“, вели 20-годишниот Ферстапен.

Шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер го поддржа Ферстапен.

„Не е тајна дека Макс дојде во Ф1 многу млад и мораше да учи бргу зад воланот на еден од најдобрите болиди. Многу млади возачи правеа грешки и никој не обрнуваше внимание. Сигурен сум дека тој ќе успее“, вели Хорнер.


Scroll to Top