Поранешниот светски шампион Нико Розберг вели дека би сакал да го врати пријателството со Луис Хамилтон по четири години луто ривалство во тимот на Мерцедес.
Германецот и Англичанецот се познаваа од своите картинг денови, но кога станаа клупски колеги во 2013 година, односите станаа неверојатно горчливи и конфликтите беа неизбежни.
„Бевме многу добри пријатели во минатото. Верувам дека може да се врати тоа во блиска иднина. Не гледам зошто не би можеле да се дружиме откако ќе помине одредено време. Но, уште не сме во таа точка“, вели Розберг во интервју за „ЗДФ“.
Розберг, конечно, го совлада Хамилтон за титулата во 2016 година, пензионирајќи се само пет дена подоцна, по што последните 12 месеци дојде до период на „ладење“ на страстите и покрај некои зајадливи коментари преку медиумите.
„Веќе не сме ривали, бидејќи јас не сум во тој свет. Тој го прави своето на свој начин и имам голема почит за тоа. На многумина не им се допаѓа тој стил, но мислам дека е кул што тој го оди само својот пат. Двајцата се ‘туркавме’ до максимум и најверојатно бевме најуспешното партнерство во Ф1“, додава 32-годишниот Розберг.
Сепак, не-извршниот директор на Мерцедес, Ники Лауда вели дека атмосферата во Мерцедес е сосема поинаква по заминувањето на Розберг и доаѓањето на Валтери Ботас.
„Хамилтон и Ботас не се пријатели. Но, нема омраза како што имаше меѓу Луис и Нико. Тоа беше лошо за тимот. За нив лично не, бидејќи добиваа само поголема мотивација“, објасни Лауда.