Новиот возач на Ферари, Карлос Саинс Јуниор, вели дека има доволно докази да се смета дека Скудерија е лојална кон своите возачи и не се плаши дека бргу ќе биде заменет.
Шпанецот доаѓа од Мекларен со двегодишен договор како нов партнер на Шарл Леклер откако Ферари решија по шест години да не му го продолжат договорот на Себастијан Фетел, што беше само последен пример во „бруталното“ отпуштање на возачи кои имаа долга соработка со нив: Кими Раиконен, Фелипе Маса, Фернандо Алонсо, Рубенс Барикело и, секако, Михаел Шумахер. Саинс не се согласува.
„Ферари не е тим кој ги јаде своите возачи. Ако ја погледнете кариерата на Фетел, кој возач не би сакал да помине шест години во Ферари како него? Најдолго што сум бил во тим е две години, така што ако Ферари ги јаде своите возачи, што прават Рено, Торо росо и другите? Алонсо исто така помина пет години во Ферари. Секако, и јас сакам свој циклус како Ферари, и се надевам дека ќе биде одлично“, вели Саинс за „Аутоспорт“.