Top Sport

Саинс со задоволство би останал во Рено

Карлос Саинс Јуниор признава дека самиот нема контрола за тоа каде ќе вози следната сезона, но дека би бил пресреќен да остане во тимот на Рено.

Саинс, синот на поранешниот ВРЦ и Дакар шампион, Карлос Саинс, е возач на Ред бул, но оваа сезона во необичен договор е „позајмен“ на францускиот тим. Иднината на талентираниот 23-годишен Шпанец зависи од тоа дали Даниел Рикардо ќе реши да остане во Ред бул, бидејќи може да биде повикан да ја пополни „дупката“.

„Со задоволство би останал во Рено. Среќен сум тука, тимот има голем потенцијал и без разлика што ќе се случи, горд сум на резултатите со нив“, вели Саинс во интервју за весникот „Ел паис“.

Откако на почетокот на сезоната беше постојано зад поискусниот колега Нико Хилкенберг, Саинс полека се израмни со Германецот во едно од најдобрите партнерства оваа сезона. Советникот на Рено, Алан Прост вели дека би било совршено двајцата да продолжат и следната сезона.

„Понекогаш има голема разлика во однесувањето на двајца возачи во еден тим, но од тоа што го забележуваме, Нико и Карлос се навистина совршени. Најважно е да се остане со истиот состав и во 2019“, вели Прост.

Фото: ЕПА

Scroll to Top