Анализата која заедно ја направиле Формула 1 и „Амазон веб“ вели дека најбрз возач во историјата е легендарниот Бразилец Аиртон Сена.
Софтверот ги користел алгоритмите на сите квалификации од 1983 година до денес и во исто време ги отстранувал релативните перформанси на автомобилите. Аиртон Сена бил најбрз, побрз за 114 илјадити делови од секундата од уште еден легендарен возач, Михаел Шумахер.
Трет на листата е актуелниот светски првак Луис Хамилтон. Софтверот пресметал дека Британецот имал послаб резултат од Сена за 275 илјадити делови од секундата.
Во првите десет се Макс Ферстапен, Фернандо Алонсо, Нико Розберг, Шарл Леклер, Хајки Ковалаинен, Јарно Трули и Себастијан Фетел.
„Се обидовме да откриеме кој е најбрзиот возач. Го баравме возачот кој ја покажал својата брзина во еден круг, а тоа да не зависело од неговите тркачки резултати“, рекол директорот на Формула 1, Рос Брон.
Многумина оваа анализа ја нарекоа контроверзна бидејќи во првите десет ги нема Алан Прост, Нелсон Пике, Најџел Менсел, Мика Хакинен, Кими Раиконен…
Исто така Фетел е десетти на оваа листа иако во кариерата освоил 52 пол-позиции со што се наоѓа на четвртото место на вечната листа.