Рејсинг поинт Форс Индија потврдија дека Серхио Перез останува со тимот од Силверстоун и во 2019 година по презмањето на тимот од страна на конзорциумот предводен од канадскиот милијардер Лоренс Строл.
Мексиканецот Перез дојде во Форс Индија во 2014 година откако го загуби местото во Мекларен на крајот на 2013 и оттогаш обезбеди пет подиуми за тимот, а беше клучен човек при промената на сопственоста на тимот, кога побара да му се вратат парите кои му ги должат. По ова почна процесот на заштита од банкрот, по кој Лоренс Строл го купи тимот, за да обезбеди место за неговиот син, сегашниот возач на Вилијамс, Ленс Строл.
„Среќен сум што конечно можам да ја потврдам мојата иднина и влегувам во 2019 со голема мотивација. Форс Индија е мој дом од 2014 и ми помогна да пораснам како возач и да ги покажам моите квалитети. Мислам дека најдоброто од овој тим е пред нас“, вели Перез, кој е седми во генерален пласман оваа сезона.
Фото: ЕПА