Извршниот директор на Мекларен, Зек Браун вели дека Даниел Рикардо бил првиот избор да го замени Карлос Саинс Јуниор, кој потпиша договор со Ферари за 2021, бидејќи очекува Себастијан Фетел, четирикратниот светски шампион да се пензионира на крајот на сезоната.
„Секако, Себ е фантастичен возач и четирикратен шампион, но мислам дека веднаш знаевме дека го сакаме Даниел. Не размислувавме за други опции“, вели Браун.
Ферари во вторникот потврдија дека Фетел си заминува по шест сезони во тимот без освоена светска титула, а два дена подоцна потврдија дека Саинс доаѓа од Мекларен како негова замена, додека веднаш потоа Мекларен потврдија дека Рикардо, поранешен колега на Фетел од Ред бул, ќе биде новиот возач на славниот британски тим.
„Не верувам дека Себ ќе добие шанса во Мерцедес или Ред бул, така што најдобрата позиција би била во Рено. Но, мислам дека Себ не би сакал да продолжи во 2021 ако знае дека нема да победува. За жал, сметам дека тоа ќе биде пензија“, вели Браун.