Шефот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер вели дека нема планови за враќање на Пјер Гасли во првиот тим од Алфа Таури бидејќи „тоа нема да има смисла“.
Французинот Гасли беше пратен во Б-тимот во средината на минатата сезона откако не успеа да постигне добри резултати како колега на Макс Ферстапен. Со Торо росо тој стигна до второто место на Бразилското ГП во 2019, пред оваа сезона да победи на Италијанското ГП во Монца минатата недела.
Неговата замена во Ред бул, Александер Албон пак, исто така не успеа да импресионира, така што многу фанови сметаат дека Гасли може да добие втора шанса. Советникот на Ред бул, Хелмут Марко изјави дека Гасли е потребен да биде лидер во Алфа Таури, иако неговиот колега Данил Квјат е поискусен, а сега и Хорнер се придружи на овој коментар.
„Пјер заврши фантастична работа. Откако се врати во Торо росо, тимот што сега е Алфа Таури ја врати својата самодоверба и вози фантастично. Добро е да се види дека тоа функционира за него. Но, местата во Ред бул рејсинг се пополнети и ние се фокусираме на Алекс Албон за да му дадеме шанса. Нема смисла сега да менуваме возачите. Алфа Таури не се наш Б-тим, туку наш сестрински тим“, вели Хорнер.