Top Sport

Силниот ветер ќе направи „луда“ трка во Азербејџан

Формула 1 возачите стравуваат дека неделното Азербејџанско ГП во Баку ќе биде „лудо“ поради силниот ветер во градот на Каспиското Езеро.

Временската прогноза вели дека денеска ќе има ветер до 41 км/ч, но во недела до дури 56 км/ч, и возачот на Торо Росо, Брендон Хартли вели дека иако поголем дел од патеката е заштитен поради зградите во Баку, на дел од патеката ќе има големи проблеми, како на делот од шестнаесеттата кривина до стартно-целната рамнина.

„Мислам дека ќе бидеме заштитени во поголем дел од патеката, но предупредувањата за ветер од 60-70 километри на час е навистина загрижувачки за сите. Ќе биде многу неизвесно. Кога стигнавме во четвртокот, ветерот неколку пати ми ја однесе капата, и тоа беше благ ветер. Покрај тоа, ветерот врти 180 степени, така што при 300 км/ч нема да биде многу лесно“, вели Хартли.

Роман Грожан од Хас вели дека ќе биде емотивно за возачите.

„Предизвикот ќе биде ветерот, тоа е дефинитивно вистина. На 10-20 км/ч ништо не се менува, но ’Метео Франс’ предупеди за ветер од 80 км/ч и ќе има емотивни сцени, тоа е сигурно“, вели Грожан.

Ветеранот на Мекларен, Фернандо Алонсо пак, не е загрижен и вели дека тоа ќе придонесе за поинтересна трка.

„Мислам дека ќе биде добро за сите да ја следат акцијата на рамнината, со многу претекнувања и грешки“, оценува Алонсо.

Фото: ЕПА

Scroll to Top