Едно од најголемите изненадувања по првите две трки од новата Формула 1 сезона не е „препородот“ на Ферари, туку драстичниот пад во перформансите на Мерцедес по осум години доминација.
Поранешниот Ф1 возач, Ралф Шумахер е изненаден од конкурентноста на новиот колега на Луис Хамилтон, Џорџ Расел, додека шампионот од 1997, Жак Вилнев додава дека супериорноста на моторот на „сребрената стрела“ во минатото ги прикривало лошите викенди на седумкратниот светски шампион Хамилтон.
„Расел покажува дека Хамилтон има израмнет тимски колега и тоа ќе биде интересно да се следи. Расел не е возач кој ќе биде задоволен од позицијата на втор возач. Борбата за титулата во моментов е многу далеку и додека успеат да се вратат во борбата за врвот, Леклер и Ферстапен ќе избегаат премногу“, вели Ралф Шумахер.
Вилнев, пак, тврди дека со слаб болид ќе биде интересно да се види дали ќе успеат да се вратат до крајот на сезоната.
„Јасно е дека Мерцедес падна од пиедесталот. Со години, лошите викенди беа прикривани со супериорниот мотор, а сега веќе нема место за криење. Ме интересира како ќе реагира тимот, бидејќи Тото Волф и Луис Хамилтон не се навикнати на ваква ситуација. Но, јасно е дека борбата за титулата е завршена работа. Луис секогаш имаше совршен болид и не мораше да оди до крај бидејќи беа многу побрзи“, додава Вилнев.