Шефицата на Вилијамс Ф1, Клер Вилијамс вели дека никој во тимот не е загрижен за буџетот за новата сезона, откако во 2019 покрај тоа што ја имаа најлошата сезона во историјата на тимот (само еден освоен поен во 21 трки) и повеќе спонзори си заминаа (Орлен, Унилевер, Симатек, Омнитуд и Тата комуникејшнс).
Парите од овие спонзори треба да бидат надополнети од личните спонзори на новиот возач на тимот, Канаѓанецот Николас Латифи, а во исто време ќе се префрлат пари од продажбата на „Вилијамс инженеринг“, сестринската компанија на тимот.
„Спонзорството во Ф1 е тешко како и секогаш. Знаеме дека ниту еден тим не ги наоѓа парите лесно. Нашиот бизнис-модел се потпира на надворешна поддршка, бидејќи немаме производител на автомобили зад нас, така што не е лесно подолго време. Сепак, имаме здрав буџет за 2020 со целта да се остварат целите кои се поставени“, вели Клер Вилијамс.