Тимот на Вилијамс Ф1, третиот најуспешен во историјата на спортот, го презентираше својот нов болид ФВ41, кој е „значително поинаков“ од минатогодишниот болид, најави техничкиот директор на тимот, Педи Лоув.
Болидот е првиот изграден од Лоув, кој дојде од Мерцедес, и главниот за аеродинамика, Дирк де Бер, кој исто како Англичанецот пристигна во Вилијамс на почетокот на 2017 година. Вилијамс беа петти во генерален пласман минатата сезона со повеќе од половина поени помалку од четвртопласираните Форс Индија.
Зад воланот на ФВ41 ќе биде Ленс Строл, канадскиот тинејџер за кого ова е втора сезона со тимот, и Русинот Сергеј Сироткин, кој дебитира по пензионирањето на Фелипе Маса. Роберт Кубица ќе биде трет возач на тимот и според најавите ќе биде присутен на три тренинг сесии во текот на сезоната.
„Сите очекуваме многу од овој болид и тоа ќе треба да го докажеме на патеката“, вели Лоув.
Вилијамс последен пат победија на Шпанското ГП во 2012 (со Пастор Малдонадо) и тоа е нивната единствена победа во Ф1 од 2004 година. Строл и Сироткин ќе бидат најмладите возачи во шампионатот.
Како и претходно покажаниот болид на Хас Ф1, и на машината на Вилијамс го има „ореолот“, уредот за заштита на главата, кој сигурно ќе предизвика многу коментари оваа сезона.