Поранешниот светски шампион, Жак Вилнев ја оцени трката на Валтери Ботас на Бразилското ГП во неделата како „засрамувачка“, но само ја потврди неговата теза дека Финецот е јасен број 2 во Мерцедес.
Ботас ја обезбеди пол-позицијата во саботата во Интерлагос со импресивен последен круг и беше фаворит да стигне до својата трета победа оваа година. Меѓутоа, на стартот, тој беше поминат од Фетел и на крајот едвај ги задржа Кими Раиконен и Луис Хамилтон (кој почна од последното место) зад себе.
„Фетел ја доби трката на стартот бидејќи беше агресивен. Кога ќе видите што можеше да направи Мерцедесот, треба да го погледнете Луис, а не Ботас. Навистина засрамувачки за него. Луис заврши три секунди зад него, а стартуваше од боксот. Тој едноставно ја нема брзината. Вака е цела година со него. Тоа е неговото ниво. Кое е доволно добро за возач број два“, вели Вилнев.
Разочараниот Ботас призна дека бил поразен, но вели дека мала била разликата со Фетел.
„Беше доста тесно кога тој излезе од боксот, но не доволно за претекнување. Секако, разочаран сум од целиот викенд“, вели Ботас.