Top Sport

Вилнев навреден од споредбата на неговиот татко со Ферстапен

Светскиот шампион од 1997 година, Жак Вилнев одговори на коментарот на Ники Лауда кој го спореди младиот возач на Ред бул, Макс Ферстапен со таткото на Канаѓанецот, Жил Вилнев, велејќи дека тоа е вистинска навреда за него и неговиот татко.

Вилнев неколку пати јавно го критикуваше Ферстапен, велејќи дека се работи за „детски“ возач кој е преценет, и реакцијата не изненадува.

„Слушнав што кажа Лауда и тоа е вистинска навреда. Лауда најверојатно уште има проблеми со тоа што беше заменет од мојот татко во Ферари“, вели Вилнев за весникот „Ле журнал де Монтреал“.

Поранешниот возач на Вилијамс оди понатаму и вели дека разликите меѓу Ферстапен и неговиот татко Жил, кој загина на 32 години на квалификациите за Белгиското ГП во 1982 година, се „повеќе од очигледни“.

„Мојот татко секогаш ризикуваше, но учеше од своите грешки. Исто така, тој секогаш ги почитуваше своите колеги, нешто што не го гледам кај Ферстапен“, додава Вилнев.

Scroll to Top