Луис Хамилтон е на добар пат да стане најдобриот Формула 1 возач во историјата, вели директорот на неговиот тим Мерцедес, Тото Волф.
Хамилтон, кој има 66 поени предност пред возачот на Ферари, Себастијан Фетел на три трки пред крајот на сезоната, ќе има шанса да ја запечати титулата во Мексико Сити во недела, каде што му е потребно само петто место за да стане првиот Британец кој го минал Сер Џеки Стјуарт и освоил четири Ф1 трофеи.
32-годишниот Англичанец победи во пет од шесте трки од летната пауза, минувајќи го рекордот на Михаел Шумахер за бројот на пол-позиции на Италијанското ГП во Монца. Со четири титули, тој ќе остане на три до рекордот од седум на Шумахер, но Волф вели дека и тој рекорд ќе падне.
„Луис ќе ги сруши сите рекорди кои се поставени во Формула 1 и само е прашање на време кога луѓето ќе разберат дека тој е на добар пат да стане најдобриот во историјата. Тие кои се толку успешни честопати ги разделуваат мислењата, поради тоа што го прават. Не сакаш да бидеш во средината и да бидеш досаден, а Луис дефинитивно не е досаден“, вели Волф.
По пбоедата во Остин во неделата, Хамилтон за својата добра форма ја пофали новата вегетаријанска диета, но и заминувањето на Германецот Нико Розберг од тимот. Розберг се пензионираше откако лани го победи Хамилтон за титулата, а атмосферата во тимот честопати беше „токсична“.