Очигледно дека се доближуваме до новата сезона во Формула 1, откако советникот на Ред бул, Хелмут Марко ги кажа своите прогнози за новата сезона и ја почна „војната на зборови“ пред Австриското ГП.
Ред бул, охрабрени од стартот со две трки на нивната патека во Шпилберг, Австрија, каде што лани Макс Ферстапен стигна до победата, сметаат дека тие се главни фаворити за титулата покрај Мерцедес.
„Сè функционира како прецизен часовник и сега треба да останеме мирни. Не знаеме колку трки ќе имаме оваа сезона, така што секоја трка е уште позначајна, како некое финале. Мислам дека постојаноста ќе биде клучна за титулата оваа сезона, бидејќи секое откажување ќе биде скапо. Очекуваме битката да биде со Мерцедес, бидејќи според нас Ферари не се на нашето ниво“, вели Марко во интервју за „РТЛ“.
Покрај ова, Марко смета дека во Ферари ќе имаат проблем да го „контролираат“ Себастијан Фетел во неговата последна сезона во црвениот болид.
„Себ сигурно нема да дозволи да му кажуваат ништо оваа сезона. Нема наредби, нема тимска игра. Фактот што не го продолжи договорот јасно кажува дека не верува дека во Ферари имаат технички потенцијал да го донесат до титулата“, додава Марко.