Светскиот шампион од 1997 година, Канаѓанецот Жак Вилнев смета дека почнува нова ера во Формула 1, овојпат со доминација на Ферари по убедливата победа на Шарл Леклер на Австралиското ГП минатиот викенд.
На таа трка, Леклер во ниту еден момент не бешепод закана на Ред бул и Макс Ферстапен (кој се откажа во 39. круг од трката). Ова беше втора победа во три трки за Леклер и Ферари и Канаѓанецот вели дека тоа е јасен сигнал за иднината.
„Болидот на Ред бул е брз, но тежок за возење, и за да ги стигнат Ферари ќе треба да одат до максимум. Ферари од друга страна се брзи, и очигледно полесни за подесување и возење и ова е удар за цела конкуренција. Ред бул се навикнати да ги бркаат Мерцедес, но сега се шампиони и тоа носи нов притисок. Шарл ја има битката за титулата под контрола. Да, има уште 20 трки и многу работа, но го има победено својот колега, тимот е зад него и направи разлика пред главниот ривал, Ферстапен. Во Италија честопати ме прашуваа: ‘Дали ова е годината?’ Тифозите чекаат долго за ваков момент, и знам дека постои стравување да се повторат годините со Алонсо и Фетел. Но, за мене, Ферари се новите Мерцедес“, вели Вилнев.