Адвокатска компанија од Монтреал поднесе жалба до полицијата во име на Ф1 возачот на Ферари, Кими Раиконен, кој тврди дека една жена изнудува пари од него.
Според жалбата, Раиконен тврди дека му се заканувале со јавно обвинување за сексуално вознемирување доколку тој не исплати одредена сума. Во 2016 година, жената тврди дека имала инцидент со неименуван Ф1 возач и негов пријател додека работела во еден бар по Ф1 трката во Монтреал. Таа тврди дека возачот бил алкохолизиран и ја фатил за градите.
Според адвокатите на Раиконен, тој добил писмо на 23 мај во кое се вели дека жената ќе ги објави јавно деталите ако не добие компензација на „огромна сума“.
Канадското ГП во Монтреал е на програма за една недела, а Раиконен е петти во генерален пласман и има три подиуми во првите шест трки од сезоната. Раиконен е оженет со Минту Виртанен и неодамна го доби своето второ дете.
Фото: ЕПА