Возачот на Јамаха Тех 3, Жоан Зарко, на врвот ги заврши последните претсезонски тестирања во кралската класа во Мото ГП шампионатот, на патеката „Лосаил“.
Зарко во Доха беше блиску до соборување на рекордот на патеката, неговиот најдобар круг изнесуваше 1:54.029 минути, што е за десетинка послабо од рекордот што пред десет години го постави Хорхе Лоренцо.
Најблиску до Зарко беше легендарниот Валентино Роси, а меѓу најдобрите тројца се најде и возачот на Дукати Андреа Довициозо.
Четврти беше Кал Крачлоу, кој извозе 57 круга и имаше најдобар резултат од сите возачи на Хонда. Британецот за 0.014 секунди имаше подобро време од клупскиот партнер на Роси, Маверик Вињалес.
Марк Маркез на Репсол Хонда кој во новата сезона влегува како светски првак тестирањата ги заврши на шестото место.
Тестирања во Доха беа последни подготовки за тимовите во пресрет на новата сезона која ќе започне токму на патеката „Лосаил“ на 18.март.